„Приватни демони“ на Маја Јаневска-Илиева и Велимир Жерновски

 


 

Јавен простор, по дефиниција, се нарекува опкружувањето на човекот што е во колективна сопственост на заедницата, проектиран како отворен простор за сечија употреба. Спротивно на него, приватниот простор е местото во сопственост на поединецот и служи за негова лична употреба и задоволство.

 

Изложбата има за цел, преку визуелна манипулација, да ја истражи можноста за јавниот простор да се претвори во приватен, а при тоа да не се наруши неговата категорија на отвореност за сите.

 

Оттука, изложбата „Приватни демони“, 2019 год. се состои од диптиси, серија од две фотографии снимени на иста локација, но на различна светлинска изложеност. Првата е преку ден, на сончева светлина, и го претставува сегментот од јавниот простор во неговата реална состојба. На втората фотографија, во друг светлински третман – ноќе, истиот простор станува приватен и личен, кога уметникот Велимир Жерновски мракот го користи како платно за цртање на неговите фантастични форми.  Светлинската интервенцијата на Жерновски е миговна и го оплеменува јавниот просторот интимно, не одземајќи му ништо од неговиот заедничкиот карактер.

 


 

Маја Јаневска-Илиева (1976, Скопје) дипломирала на Архитектонскиот Факултет, Универзитет Св. Кирил и Методиј – Скопје. Работи како фоторепортер од 2000 и соработувала со повеќе дневни весници, неделници, новински агенции како Форум, Нова Македонија, Дневник, Време, Ројтерс, АФП, ЕПА. Од 2008 работи во дневниот весник Нова Македонија. Формално поседува диплома за инжeнер-архитект, но  професионалното фотографско образование го стекнала и низ учества на повеќе семинари и работилници наменети за фоторепортери организирани од организации како Универзитетот од Мисури, САД, Ворлд Прес Фото, Холандија, Здружение на новинари на Македонија, УНИЦЕФ и други. Учествувала на повеќе групни изложби на новинска и уметничка фотографија во Скопје (2001,2003,2004, 2011, 2013,2016), Истанбул (2005), Амстердам (2004) .

Велимир Жерновски (1981, Скопје) дипломирал на Факултетот за ликовни уметности, Универзитет Св. Кирил и Методиј – Скопје. Има остварено повеќе самостојни изложби во Македонија и странство: Њујорк (2010, 2012), Париз (2011), Виена (2009, 2011), Фрајбург (2009), Скопје (2006, 2007, 2010, 2012, 2013, 2018). Во групни изложби има изложувано низ Европа, Азија и САД уште од почетокот на кариерата, во 2005. Работи и како куратор и ко-куратор на проекти и изложби, учествувал во повеќе меѓународни проекти и соработки со галерии, државни и алтернативни институции, музеи и работи на сценографии во театарски претстави од 2017. Од 2008 Жерновски е ко-основач и претседател на FRIK Формација за развој на иницијативи во културата. Добитник е на повеќе награди од кои најважни се Биенале на млади уметници – МСУ, Скопје, 2009, ДЕНЕС, Современ арт центар – Скопје, 2012, Ладислав Баришиќ, АИКА Меѓународна асоцијација на ликовни критичари, 2016.